Апел до младите

од Петар Кропоткин


"Петар Кропоткин... беше признаен од пријателите и непријателите како еден од најголемите умови... на деветнаесеттиот век... Луцидноста и брилијантноста на неговиот ум комбинирани со неговото топло срце во една хармонична целина на фасцинатна и грациозна личност." - Ема Голдман


Сакам да се обратам до младите денес. Нека старите - мислам секако, старите во срцето и мислите - го остават памфлетот, без да си ги заморуваат очите читајќи нешто што ништо нема да им каже. Претпоставувам дека имаш околу осумнаесет или дваесет години; дека си го завршил учењето или студиите; дека само што влегуваш во животот. Ја земам како факт претпоставката дека имаш ум ослободен од празноверијата кои твоите професори се труделе да ти ги наметнат; дека не се плашиш од ѓаволот, и дека не одиш да ги слушаш празните говори на најразличните луѓе и министрите. Уште повеќе, дека не си некој од контињата, тажни продукти на општеството во распаѓање, кои ги покажуваат нивните убаво скроени пантолони и нивните мајмунски лица во паркот, и кои уште на нивната рана возраст имаат само незаситна желба за задоволство по секоја цена... Претпоставувам, спротивно, дека имаш топло срце, и заради оваа причина и ти зборувам. Првото прашање, знам, ти се појавува - често пати се имаш запрашано: "Што ќе бидам јас?" Всушност, кога човек е млад тој разбира дека откако изучувал занает или некоја наука неколку години - на трошок на општеството, како ознака- тој не го сторил тоа за да ги користи своите способности како инструменти заради пљачкање за сопствена корист, и мора да биде навистина одземен и смртно ранет од порокот за кој не ни сонувал, дека еден ден ќе ја употреби неговата интелегенција, неговите способности, неговото знаење за да ги огласи оние кои денес ползат во беда и незнаење. Ти си еден од оние кои имаат таква визија, нели? Добро, да видиме што мораш да сториш за да го претвориш твојот сон во реалност.

Не знам во која класа си роден. Можеби, по игра на случајот, си го насочил своето внимание кон изучување на наука; ќе бидеш доктор, адвокат, човек на зборовите, или научник; широко поле се отвара пред тебе; влегуваш во животот со екстензивно знаење, со истренирана интелегенција. Или, од друга страна, ти си можеби само чесен занаетчија чие познавање на науката е ограничено на она малку што си го научил на училиште; но ти си ја имал предноста да научиш од прва рака, што исцрпувачката тешка работа е за работникот во нашево време.

Застанувам на првата претпоставка, за да се вратам потоа на втората; претпоставувам, значи, дека си стекнал научна едукација. Да претпоставиме дека имаш намера да станеш - доктор. Утре човек во партали ќе дојде за да те однесе да прегледаш болна жена. Ќе те води низ една од оние улички каде што соседите, отспротива еден на друг, можат скоро да се поздрават над главите на минувачите; влегуваш во смрдлива атмосфера, под трепкавата светлина на една мала неуредно поставена сијалица; качуваш две, три, четири, пет скалила по валканите скали, и во темна, ладна соба ја најдуваш болната жена која лежи на сламник, покриен со валкани прекривки. Слаби, мртво бледи деца, тресејќи се под нивните оскудни облеки, зјапаат во тебе со нивните големи очи широко отворени. Мажот работел целиот живот по дванаесет или тринаесет часови дневно за, било колку; сега останал без работа три месеци. Да се биде незапослен не е ретко во неговата професија; се случува секоја година, периодично. Но, често, кога тој ќе останел без работа, неговата жена работела како надничарка - можеби да ги испере твоите кошули - за заработка од петнаесет пени на ден; сега е врзана за креветот два месеци, и бедата се надвиснува над семејството, во целата нејзина валкана одвратност. Што ќе препишеш за болната жена, докторе - ти, кој веднаш си увидел дека причината за нејзината болест е генерална анемија, потреба за добра храна, недостаток од свеж воздух? Кажи, добар бифтек секој ден? малку вежба во природа? сува и добро вентилирана спална? Каква иронија! Ако можела да си го дозволи тоа ќе било сторено уште одамна, без чекање на твојот совет.

Ако имаш добро срце, отворен пристап, чесно лице фамилијата ќе ти каже многу работи. Ќе ти кажат дека жената од другата страна на преградата, која кашла со кашлица која ти го распарува срцето, е сиромашна пеглачка; дека неколку скалила подолу сите деца имаат треска; дека перачката која го окупира приземјето нема да доживее да ја види пролетта; и дека во соседната куќа работите се уште и полоши. Што ќе им кажеш на сите овие болни луѓе? Ќе им препорачаш дарежлива диета, промена на воздухот, помалку исцрпувачка работа... Посакуваш да можеш, но не се осудуваш и заминуваш со скршено срце, со клетва на усните.é.

Следниот ден, додека сè уште размислуваш за судбината на жителите на оваа куќарка за кучиња, твојот партнер ти кажува дека вчера наминал некој слуга да го повика, овој пат во кочија. Требало да посети некоја убава куќа, и да ја прегледа дамата измачена од непроспиени ноќи, која го посветувала целиот свој живот на облекување, посети, балови, на караници со својот глупав маж. Твојот пријател í препишал помалку неразумен начин на живот, помалку топла диета, прошетки на свеж воздух, урамнотежен темперамент, и, за да ја надополни потребата од корисна работа, малку гимнастички вежби во нејзината спална соба.

Едната умира заради тоа што никогаш немала доволно храна ниту доволно одмор целиот нејзин живот; другата гине заради тоа што никогаш не знаела што е работа откога била родена. Ако си од оние мизерни карактери кои се приспособуваат себе си на сè, кои од глетката на најреволтирачките настани се консолидираат себе си со нежна воздишка и со чаша шери, тогаш постепено ќе се навикнеш на овие контрасти, и на природата на ѕверот кој ги опслужува твоите настојувања, и твојата единствена идеја ќе биде да се издигнеш себе си до рангот на трагачите по задоволства, за да не можеш никогаш повторно да се најдеш меѓу бедниците. Но, ако си Човек, ако секој сентимент е претворен, во твојот случај, во акција на волјата; ако, во тебе, ѕверот не го скршил интелегентното суштество, тогаш еден ден ќе се вратиш дома, велејќи си: "Не, ова е неправедно; ова не смее да трае подолго. Не е доволно да се лечат болестите; мораме да ги спречиме. Малку подобар живот и интелектуален развој би ги намалил нашите листи, би ги преполовил пациентите и би ги преполовил болестите. Фрли им ја физиката на кучињата! Воздух, добра диета, помалку исцрпувачка работа - така мора да почнеме. Без ова, целата докторска професија е ништо друго освен илузија и измама."

Тој ист ден ќе го разбереш Социјализмот. Ќе посакаш да го запознаеш потполно, и ако алтруизмот не е збор лишен од важност за тебе, ако кон изучувањето на социјалното прашање ја примениш ригидната индукција на природен филозоф, ќе завршиш најдувајќи се себе си во нашиот ранг, и ќе работиш како што и ние работиме, за да ја реализираме Социјалната Револуција. Но, можеби ќе речеш:"Едноставно, практичниот бизнис нека оди по ѓаволите! Ќе се посветам себе си на чиста наука: ќе бидам астроном, физичар, хемичар. Таквата работа секогаш носи плодови, барем за идните генерации."

Ајде прво да разбереме што бараш од посветувањето на науката. Дали е тоа само задоволството - без сомнение огромно - кое го добиваме од изучувањето на природата и вежбањето на нашите интелектуални способности? Во тој случај те прашувам - како филозофот, кој ја изучува науката за да си го помине животот удобно, се разликува од еден пијаница, кој што бара само моментално задоволство, кое џинот му го овозможува? Филозофот, во секој случај, го одбрал своето уживање помудро, заради тоа што му овозможува задоволство далеку подлабоко и потрајно отколку на оној погоре. Но, тоа е сè! И двајцата имаат иста крајна цел, лична сатисфакција.

Но, не, ти немаш желба да водиш ваков себичен живот. Работејќи на науката ти сакаш да работиш за хуманоста, и тоа е идејата која ќе те води низ твоите истражувања. Прекрасна илузија! Кој од нас не ја прегрнал за момент кога за прв пат се давал себе си на науката? Но, сепак, ако навистина размислуваш за хуманоста, ако сакаш да работиш за доброто на човечкиот род со твоите изучувања, тешко прашање ќе се појави пред тебе; заради тоа што, и колку малку критички дух да имаш во себе, мора веднаш да забележиш дека во нашето општество науката е само додаток на луксузот, која служи да го направи животот поудобен за неколкумина, но останува апсолутно недостижна за најголемиот дел од човештвото.

Помина повеќе од еден век откако науката ги огласи, да речеме претпоставките за почетокот на универзумот, но колкумина ги совладале или колкумина го поседуваат вистинскиот научен критички дух? Неколку илјади таму надвор, кои се изгубени меѓу стотици милиони сè уште затворени во предрасуди и празноверија карактеристични за дивјаците, кои, како последица, се секогаш спремни да послужат како марионети за религиските измамници.

Или, ако одиме чекор понапред, ајде да расветлиме што науката направила за да воспостави рационални основи за одржување на физичкото и моралното здравје. Науката ни кажува како треба да живееме за да го зачуваме здравјето на нашите сопствени тела, како да се одржи во добра егзистенцијална состојба масата народ на нашата популација. Но, таа залудно потрошена работа, направена во овие две насоки, не останува ли само мртов збор во нашите книги? Ние знаеме дека е тоа така. А зошто? Заради тоа што науката денес егзистира само заради една рака привилегирани личности, заради тоа што социјалната неправда, која го дели општеството на две класи - робови - надничари и приграбувачи на капиталот, ги создава сите свои учења како услови за рационална егзистенција, но тоа е само горчлива иронија на деветтиот - десеттиот дел на човештвото.

Можам да изнесам уште многу вакви примери, но накратко: само излези од Фаустовото сопче, чии прозорци, затемнети од прашината, едвај ја пропуштаат светлината на рајското светкање на неговите полици полни со книги; погледни наоколу, и на секој чекор ќе пронајдеш свеж доказ како поткрепа на овој став.

Не е повеќе прашање акумулирањето на научните вистини и откритија. Потребно е, пред сé, да ги рашириме тие вистини, веќе докажани од науката, да ги направиме дел од нашиот секојдневен живот, да ги направиме заедничко добро. Мораме да ги подредиме работите така што сите, целото човештво, ќе може да ги разбира и применува; мораме да направиме науката да не биде луксуз, туку основа на секој човечки живот. Тоа е она што правдата го бара.

Ќе одам подалеку: тврдам дека интересите и на самата наука се движат во таа насока. Науката може навистина да прогресира само ако новата вистина би нашла почва веќе подготвена да ја прими. Теоријата за механичката основа на топлината, иако објавена во минатиот век со истите постановки на кои Хирн и Цлаусиус ја формулираа денес, останала осумдесет години закопана во академските записи сè до времето кога знаењето на физиката се раширило доволно за да создаде публика способна да ја прифати. Три генерации требало да поминат пред идеите на Ерасмус Дарњин, за варијациите на видовите, да бидат примени од неговиот внук и признаени од академските филозофи, и дури тогаш не без притисок од јавноста. Филозофот, како и поетот или уметникот, е секогаш производ на општеството во кое работи и подучува.

Но, ако си заразен со овие идеи, ќе разбереш дека, пред сè, најважно е да се направи радикална промена во ваквата состојба на работите која го осудува филозофот да биде натрупан со научни вистини, додека остатокот од скоро сите човечки суштества останува на ниво на кое биле пред пет, десет века - што би значело, во состојба на робови и машини, неспособни да ги совладаат докажаните вистини. И денот кога ќе се заразиш со широката, длабоката, хуманата и темелната научна вистина, тој ден ќе го изгубиш вкусот за чистата наука. Ќе почнеш да работиш на откривање на средствата за спроведување на оваа трансформација, и ако во твоите истражувања ја вклучиш непристрасноста која те водела низ твоите научни истражувања, тогаш ти неминовно ќе се адаптираш на каузата на Социјализмот; ќе престанеш со софизмот и ќе се најдеш меѓу нас. Уморен од работење заради обезбедување на задоволства за оваа мала група, која веќе има огромен дел од нив, ти ќе ги ставиш твоите информации и пожртвуваноста во служба на угнетените.

И биди сигурен дека, меѓу чувството на исполнета обврска и на постигнато вистинско усогласување меѓу твоите сентименти и твоето дејствување, тогаш ќе пронајдеш такви сили во себе за чие постоење не си ни сонувал. Кога, исто така, еден ден - кој не е многу далеку во секој случај, задржувајќи го присуството на нашите професори - кога еден ден, јас тврдам, промената за која работиш ќе биде постигната, тогаш, заради создадените нови сили од колективната научна работа, и заради големата помош од армиите трудбеници кои ќе дојдат и ќе ги дадат своите сили за неа, науката ќе ја премести нејзината граница понапред, во споредба на што бавниот прогрес денес ќе изгледа како обична вежба. Тогаш ќе уживаш во науката; тоа задоволство ќе биде задоволство за сите. Ако си завршил со читањето на законот и штотуку треба да добиеш право на адвокатура, можеби ти, исто така, имаш илузии за твојата идна професија - претпоставувам дека си еден од оние благородни души, дека знаеш што алтруизмот значи. Можеби си велиш, "Да го посветам мојот живот на непрекината и силна борба против сите неправди! Да го употребам сето мое знаење за да го овозможам триумфот на правото, на јавното мислење како највисока правда - може ли некоја друга професија да биде поблагородна?" Почнуваш вистинска работа во животот сигурен во себе си и во професијата која си ја одбрал.

Добро: ајде да прочитаме една страна од Репортажите на Законот и да видиме што вистинскиот живот ќе ти каже.

Нека имаме еден богат земјопоседувач; тој бара истерување на потстанар на колиба кој не ја платил киријата. Од правен аспект случајот е неспорен; поради тоа што сиромавиот фармер не може да плати, тој мора да си замине. Но, ако ги погледнеме фактите ќе заклучиме нешто вакво: Земјопоседникот ја трошел неговата кирија постојано барајќи задоволство; потстанарот работел напорно по цел ден и секој ден. Земјопоседникот не направил ништо за да го подобри својот имот. Сепак, цената на земјата се утростручила, за период од педесет години, заради изградба на железничка пруга, поради изградба на нови патишта, заради исушување на мочуриште, заради оградување и култивација на неплодното земјиште. Но, потстанарот, кој многу допринел за ова зголемување, се уништил себе си; тој паднал во рацете на лихварите, и, до уши во долгови, тој не може повеќе да му плаќа на земјопоседникот. Законот, секогаш на страната на сопственоста, е дециден: земјопоседникот е во право. Но, ти, кај кого чувството за правда не е сè уште задушено од легалните фикции, што ќе сториш? Дали ќе го поддржиш ставот дека фармерот треба да биде исфрлен надвор на улица? - поради тоа што законот така налага - или ќе предупредиш дека земјопоседникот треба да му го плати на фармерот целото зголемување на вредноста на неговиот имот кое се должи на работата на фармерот? - тоа е она што праведноста го бара. Која страна ќе ја одбереш? На законот, а против правдата, или на правдата, а против законот?

Или кога работникот излегол да штрајкува против господарот без претходна најава, на која страна ќе застанеш тогаш? На страната на законот, која е всушност страната на господарот кој, искористувајќи ја предноста на кризните периоди, направил огромен профит? или против законот, а на страната на работниците кои примале цело време плата од само 2 шилинзи дневно како надница, гледајќи ги нивните жени и деца како овенуваат пред нивните очи? Дали ќе застанеш зад тоа парче интриганство кое се состои во тврдењето дека постои "слобода на договорање"? Или ќе ја задржиш правичноста, спрема која договорот направен помеѓу човек кој што ручал добро и човек кој што го продава својот труд за гола егзистенција, помеѓу силниот и слабиот, не е договор воопшто?

Да земеме друг случај. Овде, во Лондон, човек безделничел покрај една месарница. Тој украл бифтек и избегал со него. При неговото апсење и испрашување, се покажало дека е тој занаетчија без работа, и дека неговата фамилија четири дена немала ништо за јадење. Месарот е замолен да го ослободи човекот, но тој е само заинтересиран за победа на правдата! Тој тужи, и човекот е осуден на шест месеци во затвор. Слепата Терезија покажува така! Дали твојата совест нема да се побуни против законот и против општеството кога слушаш вакви слични пресуди секој ден?

Или повторно, дали ќе ја спротивставиш силата на законот против овој човек кој, бил лошо одгледан и злоставуван од неговото детство, кој се нашол на туѓ имот и никогаш не слушнал ниту еден добар збор, и кој го завршува својот живот убивајќи го својот сосед за да му украде шилинг? Дали ќе бараш негова егзекуција - или уште полошо - затвор од дваесет години, кога знаеш многу добро дека тој е повеќе лудак отколку што е убиец, и во секој случај, дека за неговото злодело е виновно целото општество?

Дали ќе тврдиш дека овие ткајачи треба да бидат фрлени во затвор заради тоа што во момент на очај ја запалиле фабриката; дека овој човек кој пукал на крунисан убиец треба да биде доживотно затворен; дека овие бунтовници кои го закачиле знамето на иднината на барикадите треба да бидат убиени? Не, илјада пати не!

Ако размислуваш наместо да го повторуваш она што си го научил; ако го анализираш законот и ги симнеш матните фикции во кои е завиткан со цел да ги прикрие своето вистинско начело, што е правото на посилниот, и содржината, која отсекогаш била причина за сите тирании кои се истуриле врз човештвото низ неговата долга и крвава историја; кога ќе го разбереш ова, твојот презир кон законот ќе биде навистина длабок. Ќе разбереш дека да бидеш слуга на пишаниот закон значи да се поставиш себе си во опозиција со законот на совеста, и да тргуваш на погрешна страна; и, поради тоа што оваа борба не може да трае вечно, или ќе ја замолчиш својата совест и ќе станеш подлец, или ќе расчистиш со традицијата, и ќе работиш со нас на целосното уништување на сите неправди, економски, социјални и политички.

Но, тогаш ќе бидеш Социјалист, ќе бидеш Револуционер.

А ти, млад инжењеру, ти кој сонуваш за подобрување на условите на многуте работни места со примена на науката во индустријата - колку тажно разочарување, колкаво самозалажување те чека! Ја даваш корисната енергија на твојот ум за изработка на шема на железничка пруга која, врвејќи по врвовите на бездните и копајќи низ срцето на планините од гранит, ќе спои две земји кои природата ги разделила. Но, кога ќе почне да се работи на неа, ќе видиш цели полкови од работници исцрпени од немаштија и болести во овој темен тунел - ќе видиш друг дел од нив како се враќа дома носејќи, можеби, по неколку пенија, и несомнено, зачетоци на туберкулоза; ќе видиш човечки лешеви - резултат на подмолната алчност - како гранични-белези на секој јард од твојот пат; и, кога железничката пруга ќе се заврши, ќе видиш, на крајот, дека станала пат за артилеријата на окупаторска армија... Си го потрошил поголемиот дел од твојата младост усовршувајќи пронајдок кој ќе го олесни производството и, после многу експерименти, многу непроспиени ноќи, ти си на крајот сопственик на ова значајно откритие. Го употребуваш и резултатите ги надминуваат твоите очекувања. Десет, дваесет илјади "раце" се исфрлени на улица! Тие кои остануваат, повеќето од нив деца, се претворени во обични машини! Три, четири, десет господари ќе се збогатуваат и ќе го искористуваат сето тоа... Дали е ова твојот сон?

Конечно, изучувајќи ги последните индустриски пронајдоци, сфаќаш дека изумот шивачка машина не им донел на шивачките никаква, ама баш никаква, корист; дека работникот во тунелот во Ст. Готхард умира од анкилозис, а не - борејќи се со дупчалката за дијаманти; дека слободниот ѕидар и наемниот работник се без работа, како и порано, во време на повишиците на Гиффард. Ако ги разгледуваш социјалните проблеми со истата независност на духот која те водела и низ твоите механички истражувања, ти неминовно ќе заклучиш дека поради ваквата доминација на приватната сопственост и надничарското робување, секој нов пронајдок го прави неговото робување уште потешко, неговата работа уште повеќе деградирачка, ги зачестува периодите на без-работица, ги заострува кризите, и дека луѓето кои веќе го имаат секое замисливо задоволство се единствените кои профитираат од тоа. Што ќе сториш кога веќе еднаш си стигнал до овој заклучок? Или ќе започнеш со замолчување на сопствената совест со софизми; тогаш, еден убав ден, ќе се простиш од своите искрени младешки соништа и ќе се обидеш да го добиеш, за себе си, она што задоволството и уживањето го бараат - и тогаш ќе преминеш во кампот на експлоататорите. Или, ако имаш нежно срце, ќе си речеш себе си: "Не, ове не е време за пронајдоци. Да работиме најпрво на трансформација на основите на производството. Кога приватната сопственост ќе ја снема, тогаш секој нов пронајдок во индустријата ќе биде направен за да му користи на целото човештво; и оваа маса од работници, кои што денес се обични машини, тогаш ќе станат суштества кои размислуваат и кои ја применуваат својата интелегенција во производството, засилени од учењето и искусни во мануелната работа, и таквиот механички развој ќе овозможи, за педесет години, таков напредок за кој денес можеме само да сонуваме."

И што би можел да му речам на учителот - не на учителот кој на својата професија гледа како на досаден бизнис, туку на оној кој, кога е опкружен од весела група на млади краставички, се чувствува расположен заради нивните ведри лица, меѓу нивната безгрижна смеа - на оној кој се обидува во нивните мали глави да ги всади идеите на хуманоста кои тој самиот ги научил додека бил млад?

Често забележувам дека си тажен, и знам што е тоа што те онерасположува. Токму овој ден, твојот омилен ученик кој, навистина, не е којзнае колку добар по Латински, но кој има навистина прекрасно срце, со толку многу енергија ја рецитираше приказната за Вилијам Тел! Неговите очи сјаеа; тој како да сакаше да ги избоде сите тирани, таму и тогаш; тој со толкав жар ги кажа страствените редови на Шилер:

Before the slave when he breaks his chain Before the free man tremble not.

Но, кога се врати дома, неговата мајка, неговиот татко, неговиот вујко остро го прекорија, убедувајќи го дека треба да го почитува министерот или околискиот полицаец; понатаму му зборуваа за "мудроста, почитувањето на авторитетите, покорувањето за сопствена корист," сé до часот кога го остави Шилер настрана и почна да чита "Заемна помош".

И тукушто, пред некој ден, ти беше кажано дека твоите најдобри ученици се покажале како лоши. Едниот цело време сонува да стане офицер; другиот, заедно со својот господар, им краде на работниците од нивните мали дневници; а ти, кој размислуваш за тажниот контраст помеѓу твоите идеали, и животот каков што е.

Ти сé уште размислуваш за тоа! И тогаш, предвидувам дека за две години, на крајот, откако ќе доживееш разочарување по разочарување, ќе ги оставиш твоите омилени автори на полицата, и ќе завршиш велејќи дека Тел бил недвосмислено многу искрен човек, но и покрај сé неговата игра завршила; дека поезијата е најважна работа за интимата, посебно за човек кој по цели денови предавал за трите-правила, меѓутоа поетите се секогаш во облаците и нивните погледи немаат ништо заедничко со животот денес, ниту пак со следната посета на Инспекторот на Училиштата...

Или пак, од друга страна, соновите од твојата младост ќе станат цврсти убедувања на твоето зрело доба. Ќе посакаш да има широка, хумана едукација за сите, во училиштето и надвор од училиштето; и разбирајќи дека ова е невозможно во постоечките услови, ќе ги нападнеш самите основи на буржујското општество. Тогаш, заради тоа што ќе бидеш отпуштен од Катедрата за Образование, ќе го напуштиш училиштето и ќе дојдеш меѓу нас и ќе бидеш еден од нас; ќе им кажуваш на луѓето во поодминати години, но со помали знаења отколку тебе, колку е привлечна науката, што човештвото мора да биде - односно, што можеме ние да бидеме. Ќе дојдеш и ќе работиш со Социјалистите за целосна трансформација на постоечкиот систем, рамо до рамо ќе се бориш со нас за постигнување на вистинска еднаквост, вистинско братство, за трајна слобода во светот.

И на крај, ти, млад уметнику, скулптору, сликару, поету, музичару, не забележуваш ли дека светиот оган кој ги инспирирал твоите претходници недостасува во денешниот човек? дека уметноста е површна и дека осредноста е нејзин врховен владетел?

Можно ли е да биде поинаку? Задоволството на повторно откривање на стариот свет, на повторно капење во изворите на природата, кои ги создадоа ремек-делата на Ренесансата, повеќе не постои за уметноста на нашето време; без револуционерен идеал таа беше студена - сè досега, и немајќи идеал, нашите помодни уметници го пронајдоа во реалноста кога болно ја фотографираат, во боја, капката роса на листот од некое растение, ги имитираат мускулите од ногата на крава, или кога ја опишуваат прозаично и во детали одвратната нечистотија на некој шивач, тоалетата на некоја скапа курва. "Но, ако е ова вака, што треба да се направи?" велиш. А јас ти одговарам, ако светиот оган кој тврдиш дека го поседуваш е обичен фитиљ кој тлее, тогаш ќе продолжиш да го правиш тоа што и досега си го правел, и твојата уметност забрзано ќе се деградира во декорирање на продавниците на трговците, во составување на либрета за третокласни оперети, и приказни за Божиќните Празници - повеќето од вас веќе пропаѓате на овај начин...

Но, ако твоето срце навистина чука заедно со она на хуманоста, ако имаш слух за Животот како вистински поет, тогаш газејќи низ ова море од тага чии бранови плискаат околу тебе, лице во лице со овие луѓе кои умираат од глад, во присуство на овие натрупани лешеви во рудниците, и овие осакатени тела кои лежат во купови на барикадите, гледајќи ги овие долги редови на бегалци кои ќе изумрат во снеговите на Сибир и марширајќи по тропските острови; потполно разбирајќи ја оваа очајничка борба која се води, помеѓу болниот плач на поразените и оргиите на победниците, хероизмот во конфликт со кукавичлукот, чесната посветеност лице во лице со привлечната лукавост ти не можеш да останеш неутрален; ти ќе пријдеш и ќе ја прифатиш страната на угнетените, заради тоа што знаеш дека убавината, возвишеноста, духот на самиот живот се на страната на оние кои се борат за светлината, за човештвото, за правдата!

Ме запираш конечно!

"По ѓаволите!" велиш. "Но, ако апстракната наука е луксуз и практикувањето на медицината е обично интригантство; ако законот создава неправда, и механичките изуми не се ништо друго туку средства за грабеж; ако училиштето, во несклад со мудроста на "практичниот човек," е секако надминато; и ако уметноста без револуционерен идеал може само да дегенерира, што ми останува да правам?" Па, ќе ти кажам.

Огромна и многу возбудлива задача; работа во која твоето дејствување ќе биде во потполна хармонија со твојата совест, потфат способен за будење на највозвишените и најсилините одлики. Каква работа? - ќе ти кажам сега.

Зависи од тебе дали континуирано ќе се бориш со својата совест, за на крајот, еден убав ден, да речеш: "Заборави ја хуманоста, кога можам да имам многу задоволства и да уживам во нив до крај, сè додека луѓето се доволно глупави да ми го дозволуваат тоа." Или, уште еднаш неизбежната алтернатива, да се учествува со Социјалистите и да се работи со нив на комплетна трансформација на општеството. Тоа е непобитна консеквенца произлезена од анализите низ кои поминавме. Тоа е заклучокот до кој секој интелегентен човек, по сила на фактите, мора да дојде, претпоставувајќи дека тој искрено размислува за работите околу него, и дека ги напуштил софизмите, кој неговата буржоаска едукација и заинтересираните, од сопствен интерес, за него му ги шепотат на уво. Кога ќе стигнеме до овај заклучок, прашањето "Што треба да се направи?" природно се поставува. Одговорот е лесен.

Напушти ја оваа средина каде што се наоѓаш и каде што е модерно да се каже дека луѓето се ништо друго туку куп животни; придружи им сè на овие луѓе - и одговорот ќе дојде сам по себе. Ќе видиш дека насекаде, во Англија исто како и во Франција, во Германија исто како и во Италија, во Русија исто како и во Соединетите Држави, насекаде каде што постои привилегирана и угнетена класа, работничката класа вложува огромен труд насочен кон трајно укинување на ропството, поддржувано од капиталистичката феудалност, и кон поставување на темелите на општество засновано на справедливост и еднаквост. Не е повеќе доволно, денешниот човек, да ги искажува своите поплаки во некоја од оние песни чии мелодии ти го кршат срцето, какви што беа пеени од кметовите во единаесеттиот век, и сè уште се пеат од Словенскиот селанец; тој се бори заедно со воите пријатели работници за ослободување, со свест за тоа што го прави, и против секоја препрека која ќе му биде поставена на патот.

Неговите мисли постојано се вежбаат разгледувајќи што би можело да биде направено, со цел животот, наместо да биде проклетство за три-четвртини од општеството, да биде уживање за сите. Се зафаќа со најтешките социјални проблеми и се обидува да ги реши со помош на неговиот здрав разум, со неговата моќ на набљудување, со неговот тешко искуство. Со цел да постигне разбирање и со другите кои се мизерни како него, тој тежнее да формира групи, да се организира. Тој создава општество тешко одржувано со мали донации; се обидува да воспостави добри односи и со другите пријатели зад границите; и се подготвува за денот кога војните меѓу луѓето ќе бидат невозможни, што го прави многу подобро отколку ништожните филантропи кои сега се глупираат со модата наречена универзален мир. Со цел да дознае што работат неговите браќа, да има поблизок окнтакт со нив, за да ги разработува неговите идеи и да ги споделува со другите, тој создава - и тоа при какви оскудици, каков е тоа незапирлив напор! - свој, работнички весник. Најпосле, кога часот ќе дојде, тој се побунува, зажарувајќи ги улиците и барикадите со својата сопствена крв, продолжувајќи напред во освојување на оние слободи кои богатите и моќните, отпосле, ќе знаат како да ги корумпираат и да ги свртат повторно против него.

Какви бесконечни серии на вложен труд! Каква незапирлива борба! Колкава работа се започнува, одново и одново: понекогаш да се пополни празнината предизвикана од дезертерството - резултат на измореноста, корупцијата, кривичното гонење; понекогаш, за да се заздрават скршените сили нападнати плотуните и ладнокрвната машинерија! Друг пат за да се пре-коментираат изучувањата кои се сериозно загрозени од демагози.

Весниците се создаваат од луѓе кои насилно биле принудени да се откажат од парчињата на општествено знаење, заради тоа што им недостасувало храна и сон; агитацијата се одржува со ситна донација одделена од сумата потребна за набавка на основните потребштини за живот; и сето ова под константна закана дека ќе си ја види својата фамилија редуцирана до најзастрашувачка мизерија, ако господарот дознае дека "неговиот работник, неговиот роб, е поврзан со Социјализмот." Ова е тоа што ќе го видиш ако прошеташ меѓу луѓето. И во оваа непрекината борба, колку пати работникот залудно не се запрашал, уморен од тежината на својот товар:

"Каде се, тогаш, сите овие млади луѓе кои беа учени на наш трошок? Овие млади кои ги храневме и облекувавме додека студираа? Каде се оние за Кои, со нашите грбови подвиткани под нашите товари, и со празни стомаци, ги изградивме овие куќи, овие универзитети, овие училници, овие музеи? Каде се луѓето за чие добро, ние, со нашите бледи, изморени лица, ги печатевме овие убави книги, од кои повеќето не ни можеме да ги прочитаме? Каде се тие, овие професори кои тврдат дека ја поседуваат човечката наука, и за кои самото човештво не е вредно ниту колку една ретка гасеница? Каде се луѓето кои постојано зборуваат со фрази за слободата, и никогаш не размислуваат да ја крунисаат нашата слобода, која лежи изгазена под нивните нозе? Каде се тие, овие писатели и поети, овие сликари и скулптори? Каде е, со еден збор, целата банда на лицемери кои зборуваат за луѓето со солзи во очите, но кои никогаш, во никој случај, нема да се најдат себе си меѓу нас, помагајќи ни во нашата макотрпна работа?"

И каде се, навистина?

Зошто, некои се извлекуваат со крајно кукавичката индиферентност; други, мнозинството, ја презираат "валканата банда," и се спремни да удрат на нив ако се осудат да допрат некоја од нивните привилегии.

Овде и онде, навистина, ќе ни пристапи некој млад човек кој сонува за тапани и барикади и трага по сензационални сцени, но ја напушта каузата на народот кога ќе сфати дека патот до барикадите е долг, дека работата е тешка, и дека лауреатните круни кои треба да се освојат во кампањата се испреплетени со трње. Генерално, ова се амбициозно шемаџии, без работа, кои не успевајќи во нивните првични напори, се обидуваат на овој начин да ги измамат гласовите на луѓето - со умилкување, но кои малку подоцна ќе бидат првите кои ќе ги отфрлат принципите кои им ги ветиле, кога луѓето ќе побараат да бидат имплементирани; можеби ќе бидат спремни и да ја свртат артилеријата и Чуварите против нив, ако народот се осуди да дејствува, пред тие, водачите на движењето, да дадат сигнал. Додај ги пакосните навреди, надуениот презир, кукавичкото клеветење од големото мнозинство, и ќе знаеш што луѓето можат да очекуваат деновиве, од повеќето од младите од горните и средните класи, од аспект на помошта за социјалната еволуција.

Но, прашуваш тогаш, "Што би требало да правиме?" Кога треба сè да се направи! Кога цела армија на млади луѓе ќе пронајдат многу за да го ангажираат целиот капацитет од нивната младешка енергија, целата сила на нивниот интелект и нивниот талент, за да му помогнат на народот во огромната задача која ја има превземено!

Што би требало да правиме? Слушај.

Вие, вљубеници во чистата наука, ако сте заинтригирани од принципите на Социјализмот, ако сте го разбрале вистинското значење на револуцијата, која и сега тропа на вратата, не гледате ли дека целата наука треба да се преиспита за да се постави во хармонија со новите принципи; дека ваша работа е да остварите, во ова поле, револуција многу поголема отколку онаа која беше остварена во осумнаесеттиот век? Не разбирате ли дека историјата - која денес е приказна на бабите за големите кралеви, големите државници и големите парламенти, дека самата историја треба да биде напишана од аспект на народот, од аспект на работата сработена од народот во долгата еволуција на човештвото? Дека социјалната економија која денес претставува само легализација на капиталистичкиот грабеж - мора да биде изработена одново, во нејзините фундаментални принципи, како и во нејзините безбројни апликации? Дека антропологијата, социологијата, етиката, мора да бидат потполно преиспитани, и дека и самите природни науки, разгледувани од друг аспект, мора да издржат темелна модификација, исто и концепцијата на природниот феномен, а со респект во однос на методот на експозиција.

Добро, тогаш, да понеме со работа! Ставете ги своите способности на располагање на добра цел. Посебно, помогнете ни со вашиот здрав разум во борбата против предрасудите и во поставување, со ваша синтеза, на основите на подобра организација; и уште повеќе, научете не, научете нè во нашите секојдневни дискусии да ја применуваме бесстрашноста на вистинските научни истражувања и покажете ни, како што ни покажаа вашите претходници, како луѓето се осудуваат да го жртвуваат дури и својот живот, за триумф на вистината.

Вие, доктори, кои сте го научиле Социјализмот од горчливо искуство, кои не се уморивте да ни кажувате дека денес, утре, и понатаму ќе се распаѓаме ако човекот остане во овие услови на егзистенција и работа; дека сите ваши медикаменти се бесполезни против болеста, сè додека мнозинството од човештвото вегетира во услови апсолутно спротивни на оние за кои науката тврди дека се здрави; убедете ги луѓето дека корените на болестите мора да бидат отстранети и покажете ни на сите што е неопходно за да се искоренат.

Дојдете со вашиот скалпел и дисецирајте го за нас, со мирна рака, ова наше општество, кое ита кон распаѓање. Кажете ни што рационалната егзистенција би можела и треба да биде. Инсистирајте, како вистински хирурзи, дека гангренозните екстремитети мора да бидат ампутирани кога има опасност да го заразат целото тело.

Вие, кои работите на аплицирање на науката во индустријата, дојдете и кажете ни искрено кои се резултатите од вашите откритија. Убедете ги оние кои не се осудуваат храбро да маршираат кон иднината, какви сè нови пронајдоци, знаењето кое го бараме, носи во својата утроба, што индустријата може да направи кога условите би биле подобри, што човекот со леснотија би можел да произведе ако произведувајќи би го имал во предвид зголемувањето на тоа производство.

Вие поети, сликари, скулптори, музичари, ако ја разбирате вашата вистинска мисија и вистинските интереси на самата уметност, дојдете со нас. Ставете го вашиот налив, вашиот молив, вашето длето, вашите идеи на располагање на револуцијата. Преставете ни ја иднината со вашиот елоквентен стил, или вашите импресивни слики, херојската борба на народот против своите угнетувачи; запалете ги вашите младешки срца со револуционерен ентузијазам кој ги распламтил душите на нашите претци; кажете им на жените каква пламенита кариера е онаа кога сопругот ќе го посвети неговиот живот на големата кауза на социјалната еманципација! Покажете им на луѓето колку е одвратен нивниот живот, и ставете ја раката на причините за таквите грдотии; кажете ни како би изгледал реалниот живот ако не би бил на секој чекор запиран од глупостите и срамот на нашиот сегашен социјален систем.

И на крај, сите вие кои поседувате знаење, талент, капацитет, индустрија, ако постои искра на милост во вашиот карактер, дојдете, вие и вашитепријатели, дојдете и ставете ги вашите услуги на располагање на оние на кои најмногу им требаат. И запомнете, ако веќе доаѓате, не доаѓајте како господари, туку како другари во борбата; дека не доаѓате да владеете, туку да соберете сила за новиот живот, кој граби напред во освојување на иднината; дека повеќе доаѓате за да ги сфатите аспирациите на мнозинството, отколку да ги учите; да ги облагородите, да им дадете форма, и тогаш да работите без одмор и двоумење, со целиот младешки жар и со одлучноста на вашите години, за да ги остварите во практичниот живот. Тогаш, и само тогаш вашата егзистенција ќе биде потполна и балгородна. Тогаш ќе видите дека секој вложен напор на овој пат ќе ви носи плодови во изобилство, и дека оваа сублиматна хармонија, помеѓу вашето дејствување и диктатот на вашата совест, еднаш воспоставена, ќе ви даде моќи за кои не сте ни сонувале дека ги поседувате.

Непрекината борба за вистина, правда и еднаквост меѓу луѓето, чија благодарност ќе ја добиете - каква поблагородна кариера би посакале младите од сите нации отколку оваа?

Ми требаше многу време за да ти покажам, разгледувајќи ги класите, дека во поглед на дилемата каков живот ти претстои, ќе бидеш присилен, ако си храбар и искрен, да дојдеш и да работиш рамо до рамо со Социјалистите, и да ја славиш во нивните редови каузата на социјалната револуција. А сепак, после сè, колку е едноставна оваа вистина! Но, кога некој им зборува на оние кои страдале од ефектите на буржоаската околина, колку многу софизми мора да бидат победени, колку многу предрасуди надминати, колку многу тенденциозни приговори отстранети!

Многу е лесно да се биде краток, денес, во обраќањето до вас, младоста на човештвото. Самиот притисок на настаните имплицира дека е потребно да станете Социјалисти, и колку малку да имате храброст и причина за дејствување.

Да се издигнеш од редовите на работниците, а да не се посветиш на работата за триумф на Социјализмот, значи да не ги разбереш вистинските интереси, ставајќи ги на коцка, да се откажеш од каузата и вистинската историска мисисја.

Се сеќаваш ли еднаш, кога беше сè уште само дете, кога еден зимски ден излезе надвор да поиграш во твојот темен двор? Студенилото ги штипеше твоите раменици преку твојата тенка облека, а калта го проби патот до твоите износени чевли. Уште тогаш, гледајќи ги дебелите, богато облечени, деца како поминуваат во далечината, гледајќи те со презир, ти добро знаеше дека овие галеничиња, топло облечени, не беа еднакви со тебе и не беа твои другари, било по интелегенција, здрав разум, или енергија.. Но, подоцна, кога беше присилен да замолчиш, во некоја валкана фабрика - од пет или шест часот наутро да остануваш дванаесет часови, до некоја вртлива машина, и, и самиот претворен во машина, да бидеш присилен да го следиш, ден за ден, година за година, нејзиното движење, проследено со непрекината бучава - а, во меѓувреме, тие, другите, мирно се школуваа во убави училишта, академии, по универзитетите. И сега овие исти деца, помалку интелегентни, но подобро школувани од тебе, станаа твои газди и уживаат во сите задоволства на животот и во сите предности на цивилизацијата. А ти? Каква судбина те очекува?

Се враќаш во мала, темна, влажна соба, каде пет или шест човечки суштества се притиснати во неколку квадратни метри; каде што твојата мајка, на кој и е смачено од животот, повеќе остарена од проблемите, отколку од годините, како единствена храна ти понудува сув леб и домати, и црна течност, во иронија наречена чај; и за да им избегаш на лошите мисли, го имаш вечното прашање, "како утре ќе му платам на пекарот, и на газдата на станот задутре? "

Што! Мораш ли да се влечкаш по таа уморна егзистенција како и твојот татко и твојата мајка, триесет и четириесет години? Мора ли да го претвориш својот живот во работа за да ги обезбедиш, за другите, сите задоволства што богатството, знаењето, уметноста ги нудат, а за себе да добиеш само непрекината нервоза, заради тоа што сè што можеш да добиеш е само парче леб? Ќе се убиваш ли од работа, а за возврат ќе добиваш само проблеми, ако не и мизерија, кога тешките времиња - ужасните тешки времиња - ќе те стигнат? Ова ли го бараш од животот?

Можеби ќе се откажеш. Не гледајќи излез од твојата состојба, можеби ќе си речеш, "Цели генерации ја имале истата судбина, и јас, кој не може да промени било што во однос на тоа, и јас морам да се помирам, исто така. Да работиме тогаш, и да се трудиме да живееме колку што подобро можеме! " Добро. Во тој случај, тешкотиите на самиот живот ќе те облагородуваат.

Еден ден ќе се случи криза, една од оние кризи која не е само привремен феномен, какви што беа до пред малку, туку криза која ја уништува целата индустрија, која илјадници работници ги потопува во беда, која растура цели фамилии. Ти се бориш, како и другите, против несреќата. Но, наскоро ќе видиш како твојата жена, твојот пријател, малку по малку, и подлегнуваат на немаштијата и пропаѓаат пред твоите очи. Токму заради недостаток од храна, недостаток од грижа и медицинска помош, ги завршуваат своите денови на скитничка носилка, додека животот на богатите поминува во развеселените толпи низ улиците на големиот град, болскотејќи под сончевите зраци - тотално незаинтересирани и индиферентни на претсмртниот плач на оние кои пропаѓаат.

Тогаш, ќе разбереш колку е крајно револтирачко ова општество; ќе ги побараш причините за овие кризи и твоето истражување ќе стигне до самиот корен на овој парадокс, кој милиони човечки суштества ги остава на милост на бруталната алчност на една рака бескорисни ништожници; тогаш, ќе разбереш дека Социјалистите се во право кога тврдат дека денешното општество може да биде, дека мора да биде реорганизирано од врвот до дното.

Да преминеме од општата криза до твојот конкретен случај. Еден ден, кога твојот газда ќе се обиде, со нова редукција на дневниците, да исцеди од тебе уште неколку пенија, со цел уште повеќе да го зголеми своето богатство, ти ќе протестираш; но, тој вообразено ќе ти одговори, "Оди и јади трева, ако не сакаш да работиш за цената која јас ти ја нудам." Тогаш, ќе сфатиш дека, твојот газда, не се обидува само да те потстриже како овца, туку и дека гледа на тебе како на некој инфериорен вид на животно, исто така; дека, незадоволен само од тоа што те држи во својата непопустлива прегратка, со средствата на надничарскиот систем, тоја понатаму сака да те направи и роб, во секој аспект. Тогаш, или ќе се поклониш пред него, ќе се откажеш од своето човечко достоинство, и ќе завршиш трпејќи го секое можно понижување; или, крвта ќе ти удри во главата, ќе отскокнеш од одвратната стрмнина по која се лизгаш надолу, ќе возвратиш остро, и, оставен без работа, на улица, ќе разбереш колку се Социјалистите во право кога велат, "Побуни се! Стани против ова економско ропство!" Тогаш, ќе дојдеш и ќе си го пронајдеш своето место во редовите на Социјалистите и ќе работиш со нив на целосно уништување на сите ропства - економско, социјално и политичко.

Еден ден, повторно, ќе ја слушнеш приказната за таа шармантна млада девојка, на чие весело држење, убави манири, радосен говор ти со љубов се восхитуваше. Борејќи се, години и години со немаштијата, таа го напуштила своето родно село заминувајќи во градот. Таа, иако знаела дека таму борбата за егзистенција мора да биде тешка, се надевала дека барем чесно ќе заработува за живот. Па, сега знаеш каква била нејзината судбина. Откако некој син на капиталист и се додворувал, таа си дозволила себе си да биде заведена од неговите убави зборови, и му се дала со целата младешка страст, за да на крајот биде напуштена со бебе во рацете. Храбра по карактер, таа воопшто не престанала да се бори; но, била скршена во оваа нерамноправна борба против студот и гладот, и го завршила својот живот во една од болниците, никој не знае која...

Што ќе сториш? Уште еднаш имаш две опции. Или ќе ги оттурнеш сите непријатни спомени со некоја глупава фраза. "Не е ни прва ни последна," ќе речеш. Можеби, некоја ноќ, ќе раскажеш, во некоја јавна просторија, во друштво со други такви ѕверови како тебе, некоја валкана приказна, силувајќи го споменот на младата девојка; или, од друга страна, твоите сеќавања на минатото ќе го трогнат твоето срце; ќе се обидеш да се сретнеш со заводникот и да го обвиниш директно в лице; ќе ги пронајдеш причините за овие настани кои се случуваат секојдневно, и ќе сфатиш дека нема да престанат сè додека општеството е поделено во две групи; од една страна несреќните, а од друга мрзливите - шарлатаните со нивните фини фрази и животински страсти. Ќе сфатиш дека е крајно време да се премости овој сепарациски јаз, и ќе побрзаш да се најдеш себе си меѓу Социјалистите. А, ти, жено од народот, те остави ли ова ладна и незаинтересирана? Додека ја милуваш убавата глава на тоа дете кое се прилепува блиску до тебе, дали некогаш размислуваш за судбината која го очекува, ако сегашните социјални услови не се променат? Дали никогаш не се замислуваш над судбината која и претстои на твојата млада сестра, и сите твои деца? Дали посакуваш твоите синови, и тие исто, да вегетираат како што вегетираше твојот татко, со единствена грижа во денот, како да се дојде до леб, со никакво задоволство освен од она во палатата наречена џин? Дали посакуваш твојот маж, твоите деца, да бидат оставени секогаш на милост на првиот што ќе дојде, кој наследил од својот татко капитал со кој ќе ги експлоатира? Не си ли бесна поради тоа што ќе треба да бидат робови на газдите, храна за барутот, обично ѓубриво со кое се ѓубрат пасиштата на богатите ограбувачи? Не, никогаш; илјада пати не! Знам добро дека вашата крв зовре кога слушнавте дека вашите мажи, откако излегоа на штрајк, полни со оган и одлучност, завршија прифајќајќи ги, со капите во рацете, условите диктирани од буржоазијата, закопана во тони од вообразени желби! Знам дека им се восхитувавте на оние шпански жени, кои во познатото востание ги покажуваа своите гради на бајонетите на војниците, во првите редови на инсурекционалистите. Сигурен сум дека со почит го спомнувате името на жената која смести куршум во градите на тој разбојнички функционер кој се обидел да силува социјалистички затвореник во нејзината ќелија. И сигурен сум дека вашите срца чукаат побрзо кога читате како работничките жени во Париз се собрале под дождот за да ги охрабрат "нивните мажи" за херојска акција.

Тогаш, секој од вас, искрени млади луѓе, мажи и жени, селани, работници, уметници и војници, ќе разберете кои се вашите права и ќе дојдете со нас; ќе дојдете со цел да работите без здив за Револуцијата, која, отфрлајќи го секој белег на ропството, раскинувајќи ги оковите на парчиња, расчистувајќи со старите излитени традиции, и отварајќи за сите нов простор за безгрижна егзистенција, на крајот ќе воспостави вистинска Слобода, вистинска Еднаквост, радосно Братство во општеството: работа со сите, работа за сите - целосно уживање во плодовите од сопствената работа, комплетен развој на сите дисциплини, рационален, хуман и среќен живот!

Не дозволувај никому да ни кажува дека ние - само мала група - сме преслаби за да стигнеме до величествената цел кон која се стремиме.

Изброи и види колкумина од нас сме таму кои страдаат од оваа неправда.

Ние, селаните, кои работиме за другите и ја џвакаме сламата, додека нашите господари го јадат житото, само ние сме милиони луѓе.

Ние, работниците, кои вееме свили и кадифиња, за да на крајот се облечеме во партали, ние, исто така, сме голема толпа; и кога фабричкиот звук ќе ни дозволи момент на одмор, ние ги преплавуваме улиците и квартовите, како морето во пролет.

Ние, војниците, кои нè шетаат наоколу со командни зборови или со свирки, ние кои ги примаме куршумите за кои нашите офицери добиваат крстови и пензии, ние, исто така, сме биле сиромашки и будали, кои досега не знаевме за ништо подобро - освен да пукаме во нашите браќа, зашто, треба само, на овие надуени и декорирани персони кои се толку вешти да нè командуваат, да им погледнеме директно в лице, за да видиме како ужасно бледило им ги прекрива лицата.

Да, сите заедно, ние кои страдаме и сме навредувани секојдневно, ние сме толпа која никој не може да ја изброи, ние сме океанот кој може да го прегрне и проголта сето друго. Само кога ќе имаме волја да го сториме тоа, тој ист момент Правдата ќе биде задоволена: тој ист момент тираните на Земјата ќе го изедат правот.


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.