Аир да не сториш мајко

Аир да не сториш мајко
што ме надвор даде,
многу надалеку, мамо,
преку црна гора.
Преку црна гора, мамо,
преку матна вода.
Преку матна вода, мамо,
во ајдучка куќа.
Во ајдучка куќа, мамо,
деветина браќа.
Деветина браќа, мамо,
горски јаблани,
а мојот десетти, мамо,
ем горски, ем долски.
Везден дома седат, мамо,
порти затворени,
по изби се кријат, мамо,
рујно вино пијат.
А ко ќе се смрачи, мамо,
порти ми отварат.
Порти ми отварат, мамо,
по ајдутлак идат.
Сношти отидоја, мамо,
сабајле дојдоја.
По ридот тераја, мамо,
до девет товара.
До девет товара, мамо,
таја бела свила,
а десетти товар, мамо,
чиста вода сија,
а у вода сија, мамо,
глава од јунака.
Главата ми беше, мамо,
на мојто братче.

Поврзано

уреди