1 Јов проговори и рече:
2 Слушајте, слушајте добро што ќе ви речам, доделете ми барем таква утеха;
3 истрпете јас да речам еден збор, кога ќе завршам, тогаш потсмевајте се слободно.
4 Зар мојот збор е кон човек? Како тогаш да не бидам малодушен?
5 Погледнете на мене: ужас ќе ве опфати, со раката ќе ја засолнете својата уста;
6 штом наумам за тоа, се исплашувам и самиот, и трпки го обземаат сето мое тело.
7 Зошто нечесните остануваат во живот и колку се постари, толку посилни стануваат?
8 Нивните деца напредуваат со нив, а нивните внуци се множат пред нивните очи.
9 Никаков страв не ги мори нивните куќи и Божјата прачка ги остава на мир.
10 Нивните бикови оплодуваат, не напразно, нивните крави се отелуваат и не пометнуваат.
11 Нивните деца скокаат слободно како јагниња, нивните синови играат весело.
12 Тие пеат покрај музиката на харфа и тапани и се веселат покрај звуците на свирката.
13 Ги завршуваат своите денови во среќа тие слегуваат спокојно во Подземјето.
14 А Му зборуваа на Бога: „Остави нè,” не сакаме да знаеме за Твоите патишта!
15 Па кој е Сèдржителот, да Му служиме и каква ни е ползата да Го призовуваме?”
16 Зар не ја имаа својата среќа во раката, иако тие не држеа до Него?
17 Зар некогаш се угаснал светилникот на опакиот? Зар несреќа се нафрлила врз него? Зар тој му ја скрои судбината во Својот гнев?
18 Зар стана како слама на ветер, како плева што виорот ја разнесува насекаде?
19 Дали Бог ќе го казни во неговите деца? Не, нека го казни него, самиот да го почувствува тоа!
20 Со сопствените очи нека ја види својата гибел, нека се напие од гневот на Сèсилниот!
21 Зашто, по смртта, што му е нему грижа за неговиот дом, кога ќе се пресече низата на неговите месеци.
22 Ама кој ќе Го научи Бога на мудрост, Него, Кој ги суди највисоките суштества?
23 Еден умира во полна благосостојба, без никакви грижи, во потполн мир,
24 со слабини здебелени од мрсно и со коски преполни со мозок.
25 А други умираат со горчина во душата, не вкусувајќи никогаш никакво добро.
26 Обајцата лежат заедно во прав, и црвите ги покриваат.
27 О, знам добро какви се вашите намери, какви зла замислувате вие против мене.
28 Зошто прашувате: „Каде е куќата на кнезот, шаторот - во кој живееја беззакониците?”
29 Не ги прашавте ли патниците на патот, зар нивното сведоштво не го примате:
30 „дека нечесниот е поштеден во денот на гибелта, а во денот на Божјиот гнев ќе биде одведен на страна.”
31 Но кој ќе му префрли на неговите постапки и кој ќе му врати за она што сторил?
32 А кога на крај ќе го однесат на гробишта, поставуваат стража на неговата гробница.
33 Лесни му се грутките на земјата во долината, додека целото население оди по него, а на оние кои одат пред него им нема број.
34 О како се празни вашите утехи, каква измама се вашите одговори!”