1 Беше некогаш во земјата Уз човек по име Јов. Тоа беше непорочен и праведен човек: се боеше од Бога и се отстрануваше од злото.
2 Му се родија седум синови и три ќерки.
3 Имаше седум илјади овци, три илјади камили, пет стотини двојки волови, пет стотини магариња и мошне многу слуги. Тој човек беше најугледен меѓу жителите на исток.
4 Неговите синови имаа обичај да даваат наизменично гозби кај еден од нив, секој во својот ден, и ги повикуваа своите три сестри да јадат и пијат со нив.
5 А кога ќе се изредеа со гозбите, Јов ги повикуваше на посветување. Подрануваше рано наутро и принесуваше паленици за секого од нив; мислеше: „Кој знае дали не згрешија моите синови и да не го похулија Бога во своето срце!” Така правеше Јов постојано.
6 Еден ден дојдоа Божјите синови да застанат пред Бога, а меѓу нив пристапи и Сатаната.
7 Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?”- „Еве поминав низ земјата и ја обиколив,” одговори тој.
8 Потоа Господ рече: „Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!”
9 А Сатаната Му одговори на Господа: „Зар Јов се бои напразно од Бога?
10 Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот? Го благослови делото на неговите раце, имотот му се умножи на земјата.
11 Ама испружи ја еднаш раката и допри во сè што има: ќе Те проколне во лице!”
12 „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Прави што сакаш со сè што има; само не кревај ја својата рака врз него.” И Сатаната отиде од пред Господовото лице.
13 Еден ден, додека Јововите синови и ќерки јадеа и пиеја во куќата на најстариот брат,
14 дојде гласник при Јов и рече: „Твоите волови ораа, а ослиците пасеа покрај нив,
15 кога одненадеж Савејците нападнаа на нив и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено само јас избегав да ти го јавам ова.”
16 Додека тој уште го зборуваше тоа, дојде друг и рече: „Божји оган удри од небото, ги изгоре твоите овци и пастири и ги проголта. Единствено избегав јас да ти јавам.”
17 Додека уште зборуваше дојде трет и рече: „Халдејците удрија, со три чети, на твоите камили и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено избегав јас да ти јавам.”
18 Додека уште зборуваше овој, дојде четвртиот и рече: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат.
19 И ете, силен ветер се крена од пустината, удри на сите четири агли на куќата, ја урна врз децата, па тие загинаа. Единствено избегав јас да ти јавам.”
20 Тогаш Јов стана, ја расцепи облеката врз себе, ја избричи главата и падна ничкум на земјата, се поклони
21 и рече: „Излегов гол од мајчината утроба, и ќе се вратам гол таму. Господ даде, Господ зеде! Благословено да биде Господовото име!”
22 Покрај сè тоа, Јов не згреши ниту изусти некаква навреда против Бога.