1 Тогаш Валдад од Шуах проговори и рече:
2 Кога мислиш да ги зауздаш своите беседи? Вразуми се, сега, да разговараме!
3 Зошто нè сметаш за неразумен добиток? Зар сме животни во твоите очи?
4 О ти, што се раскинуваш себеси од гнев, сакаш ли да опустее земјата заради тебе, да се изместат карпите од своето место?
5 Светлината на опакиот ќе угасне, и не ќе му свети пламен во огништето,
6 ќе потемнее светлината во неговиот шатор и над него ќе згасне светилката.
7 Неговите крепки чекори стануваат ограничени, тој се сопнува врз сопствените намери.
8 Зашто неговите нозе го водат во стапица, и еве го како чекори веќе по мрежата.
9 Тенка стапица му ја фати ногата, и ете, јажињата го стегнуваат цврсто.
10 Го дебне јамка скриена на земјата, стапица го чека по патот по кој оди.
11 Стравови го напаѓаат отсекаде, и го прогонуваат по стапките.
12 Гладот ја проголта сета негова сила, несреќата е секогаш до неговата слабина.
13 Кобна болест му ја разјадува кожата, првенецот на смртта му ги нагризува деловите на телото.
14 Го извлекуваат од неговиот шатор, да го одведат при владетелот на ужасите.
15 Туѓинец се насели во неговиот стан, потуруваат оган врз неговиот дом.
16 Одоздола се сушат неговите корења, а одозгора му се сушат сите гранки редум.
17 Неговиот спомен ќе се сотре на земјата, неговото име се брише од лицето на земјата.
18 Го тераат од светлина во темнина, сакаат да го изгонат од земниот круг.
19 Во неговиот род ќе нема ни син ни внук, ниту преживеани во неговото живеалиште.
20 Потомците ќе се ужасуваат од неговиот ден и трепет ќе ги опфати современиците.
21 Ете, таква судбина го снаоѓа беззаконикот и домот на оној, кој не Го познава Бога.”