1 Тогаш Јов проговори и рече:
2 „Колку се наслушав такви беседи, сите вие сте ми мачни тешители!
3 Има ли крај на тие празни зборови? Што те осмелува да ми одговараш така?
4 И јас би можел да зборувам како вас, да беше вашата душа на место на мојата; и јас би можел да ве затрупам со зборови и да мрднам со главата така над вашата судбина;
5 и јас би можел да ве охрабрувам со устата, и не би го жалел трудот на своите усни.
6 Но, ако говорам, страдањето не се ублажува, ако ли замолчам, зар ќе ме одмине?
7 Сега злопакоста ме умори сосем, цела толпа се нафрли врз мене.
8 Стана да сведочи против мене и во моето лице фрла клевети.
9 Со својот гнев ме распарчува и гони, чкртајќи со забите се нафрла врз мене. Моите противници ме сечат со очите,
10 заканувајќи се, ја отвораат устата против мене, ме удираат срамно по образите, тогаш сите, се нафрлуваат на мене.
11 Да, Бог ме предаде на неправедните, Тој ме фрли во рацете на опаките.
12 Живеев мирно додека Тој не ме растресе, ме фати за вратот, за да ме скрши, ме зеде за Своја цел.
13 Неговите стрели ме окружија, немилосрдно ми ги прободе бубрезите и со мојата жолчка ја натопи земјата.
14 Отвора рана до рана на моето тело, како бесен војник напаѓа на мене.
15 Го сошив голото тело во вреќиште, го нурнав своето чело во правта.
16 Ми се запали целото лице од солзи, темна сенка падна преку моите веѓи.
17 А нема насилство во моите раце, мојата молитва секогаш беше чиста.
18 О земјо, немој да ја криеш мојата крв, и не оставај никаде да почине мојот крик.
19 Отсега јас имам сведок на небото, мојот Бранител стои горе во висините.
20 Моите пријатели ме презираат, додека моите солзи се леат пред Бога.
21 О да ме одбрани во мојот спор со Бога како што смртникот го брани својот ближен!
22 Но, на мојот живот му се доброени годините, ќе тргнам на пат без враќање.”